Македонија

Активистка која спасува кучиња во Струмица е осудена: Градоначлникот даде изјава дека сум пробематична, а не ме ни познава

Активистката Љубица Гунчева која со години им помага на бездомните кучиња во Струмица е осудена, оти според нејзините кажувања, реагирала на заловување на куче од страна на две лица, кои сакале да го однесат во стационар кој во тоа време не бил и отворен. Своја улога во судскиот процес имал и струмичкиот градоначалник кој сведочел дека тој дал лична наредба да се залови кучето, изјава која била ценета, па според неа, тој додал и дека Гунчева е проблематична личност иако со неа не се познава. Таа е осудена на условна казна оти судот пресметал дека попречила лица во извршување на службена должност.

Нејзиното сведоштво во целост:

Се сметам себе си за лојален и активен граѓанин кој секогаш ги почитува законите и со години допринесува за доброто на мојата заедница. Со години наназад, додека сѐ уште бев студент на Електротехнички факултет, се сеќавам дека финансиските средства кои моите родители ги издвојуваа за храна и пат до Радовиш, јас честопати знаев да ги искористам за храна на бездомните кучиња, па така научив да патувам и автостоп.

Со Наталија (сега претседател на ЗЗЖ АНИМАЛ ЛАВЕРС Струмица) секоја вечер додека сите мои врсници седеа на кафе, ние шетавме по градот за да ги нахраниме кучињата скитници. Се сеќавам дури и на првото болно куче кое почнавме да го лекуваме, а беше стационирано на УГД Струмица, па секој ден пешачавме до таму за да му ја дадеме потребната терапија. Тоа беше во 2012 година. Како што почнавме да навлегуваме подлабоко и попосветено во оваа проблематика, се решивме да го формираме ЗЗЖ АНИМАЛ ЛАВЕРС Струмица. Од тогаш до денес, ова здружение работи макотрпно за да успее да овозможни подобри услови и третман за бездомните животни во нашата општина. Нашите финансиски средства, нашето време, нашата безусловна љубов и посветеност е вложена таму, додека сите ние работиме паралелно на други работни места, за да можеме да си обезбедиме основна егзистенција, во земја која и баш не ја нуди лесно без партиска припадност – што впрочем и сме.

Во овие 12 години дејствување, сме виделе и искусиле сѐ. За оваа тема можеме да зборуваме многу повеќе одошто било кој што добил позиција на моќ и одлучување. Имаме третирано повеќе од 700 кучиња, а за 7 години успеавме да вдомиме повеќе од 400 кучиња во Англија и преку 50 кучиња во Германија, Шведска, САД, Малта итн. Бездомни кучиња кои биле обврска за третман на Општина Струмица, без денар помош и без збор сме ги земале и третирале.

Во ниту еден момент, јас, немам добиено некакво признание, благодарница, или било што за мојот труд и ангажман.. Напротив, сѐ што добив во изминатите две години е закани, уцени и кривичен прогон.

Општина Струмица на чело со градоначалникот Костадин Костадинов, судијата Борис Бержецски од Основен суд Струмица, јавен обвинител Лидија Георгиева, судијките Мирјанка Гоцевска Стефановска, Весна Димитриевска Накова и Светлана Јованова од Апелациониот суд во Штип и нивните соучесници од ЈП ЛАНА Струмица, Џоко Иванов и Дејан Ристов, решија да ме наградат за долгогодишниот труд и несебични заложби со тоа што ќе ме наместат за кривично дело кое не сум го сторила и притоа ќе ми оневозможат да ги продолжам моите магистерски студии во Словенија или воопшто да се иселам од земјава, која единствено на што посветено работи – е да ги избрка сите млади и компетентни луѓе, за сметка и да можат комотно да живеат неписмените и неспособните.

Имено, на ден 17.10.2022 година, откако сѐ уште не беше пуштено во функција прифатилиштето за бездомни кучиња во Струмица, во сопственост на ЈП ЛАНА Stacionar Lana, затекнав 2 лица, необележани, со нерегистрирано возило, како насилно се обидуваат да заловат бездомно куче, во непосредна близина од моето работно место. Нормално, како и секој разумен граѓанин – реагирав и ги прашав кои се и што прават. Бидејќи одбиваа да ми дадат одговор, се вратив, го земав телефонот и ги снимав, со цел да обезбедам доказ за пријава за незаконско заловување. Ќе си речете – добро, и што? Токму тоа.

Додека одев кон полиција да пријавам настан, дознав дека е поднесена кривична пријава против мене по основ „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“, односно едно од лицата, Џоко Иванов, кои се обидуваа да го заловат кучето на крајно нехуман начин дал изјава во полиција дека сум го бутнала додека се обидувал да го залови кучето (иако оваа изјава подоцна ја смени на суд и изјави дека меѓу нас двајца немало никогаш физички контакт и истото стои во записник). Ова го потврди и неговиот колега, Дејан Ристов. Но, кога станува збор за обични граѓани како мене, кои немаат финансиска моќ да ги купат институциите, кривичната пријава беше процесуирана без какви било одложувања и задршки и бев осудена на 3 месеци затвор или алтернативно 1 година условно.

Да биде иронијата поголема, ниту една институција не најде забелешка за тоа дека на денот на заловување, прифатилиштето НЕМАЛО ДОЗВОЛА ЗА РАБОТА ОД АГЕНЦИЈА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО, УПРАВУВАЛЕ СО НЕРЕГИСТРИРАНО ВОЗИЛО И ЛИЦАТА КОИ ЗАЛОВУВАЛЕ НЕ БИЛЕ НИКАКО ОБЕЛЕЖАНИ. Напротив, судот НАЈДЕ РАЗБИРАЊЕ ЗА СИТЕ ТИЕ ПРЕКРШОЦИ, бидејќи градоначалникот Костадин Костадинов лично издал наредба да се залови токму тоа куче, притоа кршејќи куп закони и ЗЛОУПОТРЕБУВАЈЌИ ЈА СВОЈАТА СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ, под изговор дека кучето и сметало на наша сограѓанка, која била болна од рак. Да биде иронијата уште поголема, градоначалникот Костадин Костадинов и покрај тоа што не ме познава лично, на суд даде изјава и ме окарактеризира како „ПРОБЛЕМАТИЧНА ЛИЧНОСТ“, изјава која што судот ја ценеше со ОСОБЕНА ВАЖНОСТ. И покрај доставената жалба до Апелациониот суд во Штип, истата не беше уважена, не беа земени предвид фактите погоре и пропустите во постапката и мојата пресуда беше конечно потврдена.

Јас, Љубица Гунчева, која немам никаква казна во мојот живот за сторен прекршок, сега сум кривично осудена за дело кое не сум го сторила. Скратени ми се сите можности да градам живот надвор од оваа земја – за тука знаеме дека секако нема. И сѐ ова, само за да можат низа силеџии да ми покажат каде е моето место. Мојата борба нема да застане тука, ниту ќе се обесхрабрам да продолжам да го правам, тоа што посветено го правам во изминатите 12 години. Сакам да ја продолжам мојата борба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и потребна ми вашата помош да го направам истото. На жалост, целата оваа постапка ме чинеше толку многу, што не можам ниту да ги покријам трошоците кои ми се наложени за плаќање, ниту да ги покријам трошоците за жалба до ЕСЧП.

Жалба за Стразбург – 65.000 ден
8.000 ден за кривична за градоначалникот за злоупотреба на службена должност.
За трошоци во постапката ми недостасуваат 24.000 ден, кој што треба да ги покријам до понеделник, останатите адвокатски трошоци успеав да ги покријам
Ве замолувам да споделите и доколку сте во можност да ми излезете пресрет на каков било начин – слободно контактирајте ме тука или на телефонски бр 075 249 428.
Сметка на која можете да донирате е следна: 210501661056567 (Тутунска Банка)
Љубица Гунчева
или
На PayPal сметка на здружението
[email protected]

На почеток