„Побара интервју, а сега му е тешко“: Песков откри како течеле преговорите со Карлсон и што веднаш рекол Путин
Самиот американски новинар Такер Карлсон предложи да се направи интервју со рускиот претседател Владимир Путин, а Путин се согласи прилично брзо, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Навистина, тој самиот нѐ контактираше, предложи интервју. Активно ги разгледувавме неговите материјали, ја гледавме неговата публика, гледавме колку избалансирано покрива одредени прашања. И дојдовме до заклучок дека му препорачуваме на претседателот да даде интервју“, изјави Песков за ТВ „Русија 1“.
Песков рече дека Карлсон предвидел дека ќе се крене прашина за интервјуто со Путин, но дека интервјуто ја зголемило популарноста на самиот новинар, пренесува РИА Новости.
„Дури и сега, колку што разбрав, тешко му е. Од друга страна, како прилично паметен човек, мислам дека предвиде дека ќе ги разбуди емоциите“, рече Песков.
Тој оцени дека Западот станува се понепредвидлив, додавајќи дека Кремљ бил загрижен дека уште пред почетокот на интервјуто со Путин ќе има „прогон“ на Карлсон, што се случило. Американскиот новинар Такер Карлсон објави интервју со Путин на неговата веб-страница, како и на социјалните мрежи X и YouTube.
Тоа е прво интервју на Путин со западен медиум по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Посетата на Карлсон на Русија и интервјуто со Путин беше критикувано од голем број западни медиуми и одредени политичари уште пред да биде објавено интервјуто.