Македонија

Младиот Бајрами и докторот Демири ќе водат министерства – опозицијата критикуваше, власта си ги изгласа

Со низа критики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и бранење од пратениците од владејачкото мнозинство, Собранието ги избра Илир Демири и Наим Бајрами за министри. Демири кој е инфектолог е нов министер за здравство, Бајрами за информатичко општество и администрација. Тие доаѓаат на местата од нивните сопартијци Фатмир Меџити и Азир Алиу кои се од таборот на Арбен Таравари и беа разрешени.

За изборот на двајцата министри немаше ниту еден глас против или воздржан, а 63 пратеници галсаа „за“.

Џафери кажа дека Бајрами е млад човек кој треба да добие шанса, а Демири е познат медицинар и треба да ја добие позицијата.

„Нема потреба за претставување, секој од нас имал можност да помине лично или преку член на семејството на Инфективната клиника, сме имале можност да го гледаме во работата при водењето на болницата во Тетово, делата говорат за неговата личност. Бајрами е магистер, млад човек кој треба прилика да добие за да се покаже и докаже во струката, во тој контекст нема што да се дададе во однос на тоа што го претставил како биографија“, кажа Џафери.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ го искара.

„Дали сметате дека е сериозно да предложите министер за информатичко општество, а да кажете како кваликатив дека е млад човек и треба да му дадеме шанса. За што? Како министер да стекнува знаења и да учи?“, рече Стојаноски.

Според него, поради тоа што министри од функција учеле како треба да се работи, граѓаните се херметички затворени поради патните исправи.

„Токму затоа што стававме луѓе кои на функција учеа како треба, сега сме заробени во државата. Токму затоа сме херметички затворени. Ја донесовте државата на дереџе да менуваме закони за патни исправи. Таквите политики на приучување на луѓе нѐ донесоа на ниво да бираме министри да бираме министри за од функција да научат како да работат“, рече Стојаноски.

Контрираше и пратеничката Дафина Стојаноска.

Што ќе придонесе Демири како инфектолог во Владата или како Меџити го попречи подготвувањето на изборите? Ако Меџити и Алиу беа од АА, тогаш Демири и Бајрами од каде се? Законски, нели, како што кажа Талат Џафери, не може да има два опозициски субјекта во Владата? Се изнаслушавме се, само не добивме одговор со издржано образложение. Јасно е дека европскиот фронт се распаѓа, а додека е на власт гледавме само скандали, афери, криминал и корупција, не покажа никаква програма и план. Веќе сте прочитана книга и единствено што треба да ви се случи е народ, истакна Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

На почеток