Хутите ракетираа грчки брод кој превезувал пратка до Иран
Јеменските бунтовници Хути истрелаа два проектила врз товарен брод во Црвеното Море кој пловел кон Иран, предизвикувајќи мала штета на бродот, а нема информации за повредени во нападот, објавија американските воени претставници.
Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека „милитантите Хути, поддржани од Иран“, истрелале два проектила во понеделникот од областа на Јемен под нивна контрола кон теснецот Баб-ел-Мандеб кон товарниот брод „MV Star Iris“ што е во сопственост на Грција и плови под знамето на Маршалските Острови, пренесува Ројтерс.
Според соопштението на американската војска на платформата X, бродот превезувал пченка од Бразил до Иран и можел да продолжи да плови бидејќи претрпел мала штета во нападот, а никој од членовите на екипажот не бил повреден.
Ова е прв напад на Хутите на брод што превезува товар за Иран откако јеменските бунтовници почнаа да напаѓаат меѓународни бродови во знак на солидарност со палестинската милитантна група Хамас, која води војна против Израел во Газа, јавува Ројтерс.