Во 17 часот се распишуваат парламентарните и претседателските избори
Собранискиот претседател Јован Митрески попладнево во 17 часот ќе ги распише претседателските и парламентарните избори. Ова е последната информација од неговиот Кабинет.
„Потпишувањето на правниот акт со кој се распишуваат изборите ќе биде денеска во 17 часот, после тоа ќе има изјава во холот на портрети“, велат од Кабинетот на Митрески.
Ова се седми по ред претседателски избори и 12 по ред парламентарни избори. Претседателските треба да се одржат на 24 април, а на 8 мај парламентарните избори. Доколку има втор круг од претседателските избори, тие ќе се одржат на истиот ден со парламентарните.
Откако Митрески ќе ги потпише решенијата за распишување на изборите, ќе ги проследи до Државната изборна комисија. Кампањата за претседателските избори започнува од почетокот на април.