Македонија

По не сакам – сакам: Таравари е кандидат за претседател на албанската опозиција

За петнаесет дена, Арбен Таравари од незаинтересиран за кандидатура, стана кандидат за претседател на албанската опозиција. Денеска ќе биде извршена негова промоција, а на прес-конференцијата ќе присуствуваат лидерите на четирите албанските партии кои се обединија против ДУИ.

„Со почеток во 10:00 часот, ве покануваме да присуствувате на вонредната прес-конференција, на која претседателот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари ќе ја објави својата кандидатура за претседател на државата, како предлог на Претседателството на Алијансата за Албанците, поддржано од Коалицијата Европски сојуз за промени – ЕСП. Присутни на прес конференцијата ќе бидат и лидерот на Демократското движење, г. Изет Меџити, на Движењето Беса, г. Билал Касами, на Алтернатива, г. Африм Гаши, како и претставникот на Движењето Самоопределување!, г. Беким Ќоку. Прес-конференцијата ќе се одржи на градскиот плоштад во Гостивар“, велат од Алијанса.

На први февруари, Таравари кажа дека на маса имал понуда, но не бил затересиран.

„Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но јас не сум заинтересиран“, рече Таравари.

Од незаинтересираноста до кандидатурата, Таравари помина низ турбулентен период. Зијадин Села кој раководи со централното Собрание на партијата стави на дневен ред точка за негово разрешување, која сега, треба да ја разгледуваат и повисоките органи. Причина за ова е тоа што Таравари тргна да коалицира со опозицијата, чекор со кој Села не се согласи.

На почеток