Кој е Навални, што по неговата смрт, дали е убиен: Сите очи вперени кон Путин, кој ги апси и граѓаните кои палат свеќи
Смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој почина во затвор за дел од пошироката јавност е убиство сторено од страна на рускиот претседател Владимир Путин. Јавно се огласија десетици моќни светки политичари кои изразија сочуство на семејството на Навални, а истовремено, го осудија Путин. Граѓаните кои излегоа на руските улици да му оддадат последна почит – беа апсени.
Серија апсења
Во неколку руски градови се одржаа спонтани комеморативни собири за Навални. И покрај силното полициско присуство, луѓето во центарот на Москва полагаа цвеќе пред споменикот посветен на жртвите на политичка репресија. Слични слики имаше и во Санкт Петербург, Екатеринбург, Нижни Новгород и други градови. Дел од луѓето носеа фотографии од Навални, некои плачеа и се гушкаа.
Полицијата презеде мерки против ожалостените поддржувачи на Навални. До доцна вечерта, на комеморативни настани во неколку руски градови беа уапсени повеќе од 100 луѓе, соопшти организацијата за граѓански права Овд-Инфо. Апсења беа регистрирани меѓу другото во Москва, Санкт Петербург и шест други градови.
„Повеќе од 100 луѓе се уапсени ширум Русија поради положување цвеќе во спомен на Навални на различни места“, соопшти мониторинг групата ОВД-Инфо.
Бајден: Путин е одговорен за смртта на Навални
Претседателот на САД Џо Бајден е „изненаден и гневен од вестите“ за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
Во изјава од Белата куќа денеска, тој изјави дека Навални храбро стоеше против насилството на режимот на Путин, за што тој беше затваран, отруен, и ништо не го запре да се спротистави на Кремљ.
Бајден ја пофали храброста на Навални потсетувајќи дека тој можеше да живее во странство откако беше отруен во 2020 година „но тоа не го напrави, туку се врати во Русија, знаeјќи дека ќе заврши во затвор“.
-Тој беше толку многу работи што Путин не е, тој беше храбар, посветен и веруваше дека Русија за сите е Русија за која „вреди да се бори“.
-Без никаков сомнеж, Бајден рече, „Путиn е одговорен за смртта на Навални“.
Велика Британија за смртта на Навални: „Го отрувте затоа што ви беше закана“
Владата на Обединетото Кралство објави дека ја „повикала руската амбасада“ , додека демонстрантите се собраа пред зграда во центарот на Лондон во знак на протест поради смртта на Алексеј Навални.
Во соопштението пренесено од „Форин офис“ се наведува дека владата стои покрај „семејството, пријателите, колегите и поддржувачите“ на Навални и го нарече опозицискиот лидер „човек со голема храброст и железна волја“. „Руските власти го гледаа Навални како закана. Многу руски граѓани чувствуваа дека тој им дал глас. Во последниве години, властите го затворија под лажни обвиненија, го отруја со забранет нервен агенс и го испратија во арктичка казнена колонија. Никој не треба да се сомнева во „бруталната природа на рускиот систем. Неговата смрт мора да се истражи целосно и транспарентно. Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој денеска ја повика руската амбасада за да стави јасно до знаење дека ги сметаме руските власти целосно одговорни“, се вели во соопштението.
ОН бараат од Русија веродостојна истрага за смртта на Навални
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации (ОН) ги повика руските власти да обезбедат веродостојна истрага за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални во затвор.
Руските државни медиуми објавија дека 47-годишниот лидер на опозицијата починал во затвор во Сибир, повикувајќи се на Федералната служба за управување со казнениот систем.
Оваа информација се уште не е независно потврдена, ниту пак е потврдена од неговото семејство или поддржувачи.
Портпаролката на канцеларијата на ОН, Лиз Тросел, изјави дека доколку некој умре во државен затвор, се претпоставува дека државата е одговорна, пишува лондонскиот весник „Гардијан“.
„Таа одговорност може да се побие само преку непристрасна, темелна и транспарентна истрага спроведена од независно тело. Ги повикуваме руските власти да се погрижат да се спроведе таква веродостојна истрага“, рече таа.
Гари Каспаров: Путин го уби Навални „полека и јавно“
Двајца познати Руси, шахистот Гари Каспаров и уредникот Дмитриј Муратов денеска изјавија дека рускиот режим е одговорен за смртта на најголемиот критичар на Кремљ Алексеј Навални, додека познатиот писател Борис Акунин рече дека Навални станал бесмртен.
Противникот на Кремљ и поранешен светски шампион во шах Гари Каспаров рече дека Владимир Путин го убил Навални „полека и јавно“.
„Путин не успеа брзо и тајно да го убие Навални со труење, па полека и јавно го уби во затвор“, напиша рускиот шахист.
„Навални беше убиен затоа што ги разоткри Путин и неговата мафија како измамници и крадци, како и што се“, додаде Каспаров, пренесе Франс прес.
Рускиот новинар и добитник на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов ја прогласи смртта на Навални за „убиство“ и нагласи дека затворските услови довеле до тоа.
Муратов беше уредник на независниот медиум Новаја Газета, кој престана да се објавува по руската инвазија на Украина, беше прогласен за „странски агент“ во Русија и ја продаде Нобеловата награда на аукција за 103,5 милиони долари, велејќи дека ќе ги донира средствата на децата бегалци во Украина.
Гутереш побара целосна, веродостојна и транспарентна истрага за смртта на Алексеј Навални
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш побара денеска да се проведе „целосна, веродостојна и транспарентна истрага“ за смртта на главниот руски опозиционер Алексеј Навални.
„Генералниот секретар е шокиран од информацијата дека опозиционерот Алексеј Навали починал во затвор“, изјави порпаролот на Гутереш Стефан Диџарик.
Според неговите зборови, Гутереш повилал да се спроведе „целосна, веродостојна и транспарентна истрага во врска со околностите“ за смртта на Навални, за кој денеска беше објавено дека починал на крајниот север на Русија, во Сибир.
Навални, борец прорив корупцијата во Русија, беше противник број еден на претседателот на државата Владимир Путин. Осуден е, по повеќе основи, на повеќе годишна затворска казна.
Граѓаните на Москва палат свеќи и оставаат цвеќе во чест на Навални
Граѓаните се собираат и покрај предупредувањето од властите да не се приклучуваат на протестите повикани на социјалните мрежи.
На неколку километри од Кремљ, граѓаните оставаат букети и палат свеќи во близина на споменикот, објави Индипендент.
Мајката на Навални се огласи
По повод смртта на Алексеј Навални, се огласи неговата мајка Људмила Ивановна Навална, која рече дека „не сака да прима сочувство“.
– Не сакам да слушам изјави за сочувство – рекла мајката Људмила.
Људмила Ивановна Навална изјави дека нејзиниот син бил жив и здрав пред неколку дена. Сите го видовме на 12 февруари… Беше жив и здрав, весел – рекла таа.
Кој е Навални?
Алексеј Анатолиевич Навални, роден на 4 јуни 1976 година, беше руски опозициски лидер, адвокат и политичка и јавна личност, познат по истрагите за корупција во Русија. Тој беше главен противник на руското раководство на чело со Владимир Путин.
Навални го основаше Фондот за борба против корупцијата, кој ги обедини проектите „Смарт воутинг“, „Синдикејт Навални“, „Роспил“, „РосЖКХ“, „Росјама“, „Росвибори и „Добра машина на вистината“.
На изборите за градоначалник на Москва во 2013 година, тој освои 27,24% од гласовите, губејќи од Сергеј Собјанин (Единствена Русија). Од ноември 2013 година бил на чело на Централниот совет на политичката партија Русија на иднината.
Во декември 2016 година тој објави дека ќе учествува на претседателските избори во Русија кои се одржаа во март 2018 година. Според весникот „Ведомости“, тој всушност бил единствениот политичар кој водел полноправна изборна кампања во 2017 година, но на 25 декември 2017 година, ЦИК одби да го регистрира поради незавршена судска постапка.
Со Антикорупцискиот фонд беше главен иницијатор на масовните протести одржани во 2017-2018 година во Русија.
Во почетокот на 2010-тите, Навални се соочи со многу тужби против него кои ги сметаше за политички мотивирани. Најпознати се случаите „Кировлес“ и „Ив Рошер“. Во двата случаја, Европскиот суд за човекови права пресуди во корист на Навални.
Навални во 2009 година беше прогласен за личност на годината од весникот „Ведомости“. Во 2012 година, списанието Тајм го вклучи на листата на 100 највлијателни луѓе во светот, а во јуни 2017 година на листата на 25 највлијателни луѓе на Интернет. Во 2017 и 2019 година, „Ведомости“ го прогласи за политичар на годината.
На 20 август 2020 година, Алексеј Навални беше отруен со нервниот агенс „Новичок“ и хоспитализиран во тешка состојба. За време на летот од Томск до Москва, му се слоши и беше пренесен во болница во Омск каде беше ставен во кома.
Два дена подоцна беше евакуиран во болницата Шарите во Берлин. Пет сертифицирани лаборатории на Организацијата за забрана на хемиско оружје ја потврдија употребата на нервниот агенс.
Испитувањата пронајдоа токсин од групата „новичок“ во крвта, урината, примероците од кожата и шишето со вода од кое пиел Навални. Навални бил отруен со нов вид „Новичок“ кој не бил вклучен во списокот на контролирани хемикалии на Конвенцијата за хемиско оружје.
По враќањето во Русија, Навални и неговата сопруга беа уапсени на 17 јануари 2021 година за време на пасошка контрола.
Труењето на Навални предизвика протести. Протестите беа еден од најголемите прикази на народното противење на владеењето на претседателот Владимир Путин и се одржаа во речиси секој голем град низ Русија привлекувајќи невообичаено голема толпа. Демонстрантите беа пречекани со остар одговор од властите, при што оклопната полиција за борба против нереди приведе стотици демонстранти. Полицијата тогаш приведе 2.600 луѓе.
На 2 февруари 2021 година, судот „Симоновски“ во Москва го осуди Навални на 2 години и 8 месеци затвор, прифаќајќи го барањето на обвинителот да се промени во казна затвор условната казна од три и пол години.
Меѓународните организации за човекови права „Амнести интернешнал“ и „Меморијал“, шефовите на западните земји, како и голем број руски и странски медиуми сметаа дека случајот против Навални е политички мотивиран.
Неговата смрт, а и неговиот живот, се значајни бидејќи директно се поврзани со примената на демократските вредности во Русија, како и со корумпираноста на рускиот режим. Остануваат многу неодговорени прашања за тоа како умрел, кои можеби набргу ќе се одговорат.
Навални беше во брак со Јулија Абросимова, со која имаше две деца, ќерката Дарија и синот Захар.
Вчера, Навални за последен пат беше виден во јавноста додека зборуваше на суд преку видео пренос.