Поранешниот тајландски премиер, кој беше во бегство 15 години, е на слобода


Поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра денеска беше пуштен на условна слобода. Ова е неговиот прв ден на слобода во татковината по 15 години бегство, објави неговиот адвокат.
Влијателниот милијардер, чија семејна партија се уште е на власт во Тајланд, е ослободен од затворската болница во Бангкок каде ги поминал последните шест месеци. Пред тоа, кралот на Тајланд му ја преиначи казната за злоупотреба на власта и судир на интереси од осум години затвор на една.
74-годишниот Таксин имал право на условно ослободување поради неговата возраст, здравје и времето поминато во затвор.
Тој беше премиер на Тајланд од 2001 до 2006 година, кога беше соборен со воен удар. Потоа му беше забрането да учествува во политиката и се соочи со обвиненија за даночна измама и злоупотреба на власта.
Следните 15 години ги помина во самонаметнат егзил во странство, тврдејќи дека обвинението е политички измислено. Тој се врати во Тајланд во август минатата година за да отслужи намалена казна.
