(Видео) Авион на Ер Србија принудно слета, од компанијата велат дека е техничка грешка, а снимките на мрежите покажуваат нешто сосема друго
Авионот кој синоќа полета од белградскиот аеродром „Никола Тесла“ за Дизелдорф слета многу брзо, а иако Ер Србија објави дека причината е технички дефект, се појави видео од авионот со дупка на трупот.
Пилотот на авионот кој синоќа полетал од Белград за Дизелдорф, набргу по полетувањето побарал веднаш да слета, а „Ер Србија“ соопшти дека причините за принудното слетување се од техничка природа. Сепак, на социјалната мрежа Х се објавени неколку видеа и фотографии на кои се гледа дупката.
Поточно, дупка може да се забележи на трупот на авионот на „Marathon Airlines“, кој лета за Ер Србија.
Како што споделија на социјалните мрежи дел од патниците кои биле на овој лет, авионот извесно време кружел и потоа слетал. Според информациите на социјалните мрежи, во авионот имало повеќе од 100 патници, пренесува N1.
Ер Србија, исто така, објави дека безбедноста на патниците во ниту еден момент не била загрозена.