(Видео) Комунална помина, ѓубрето остана – Ѓорче Петров има проблем со отпадот, Стојкоски ѝ рече на Арсовска да си го собере
Контејнерите во Ѓорче Петров речиси секојдневно се полни со смет, а граѓаните во неможност каде да депонираат отпад, го оставаат покрај нив. Овој проблем не трае само моментално, туку подолго од една година. Претпријатие за собирање на отпадот е „Комунална хигиена“. Тие во повеќе наврати се запознаени со проблемот, но решение – нема. Еклатантен пример за тоа како се собира сметот се следните фотографии.
Од отпадот се шири неподнослива миризба, а особено проблематично е кога има топли денови. Така стои со денови, па граѓаните на милост и немилост мора да живеат со ваквата состојба.
„Не се трпи, живееме во зградава непосредно до контејнерите. За што плаќаме сметки ако тие не си ја вршат работата? Им имаме и укажано, но не ги интересира“, коментира жител на скопската населба „Даме Груев.
За проблемот со контејнерите побаравме коментар и од градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
„Ова прашање ќе го поставите на градоначалничката Арсовска, веројатно одите на прес-конференции таму, така што може да ја повикате на одговорност, да си ги собере контејнерите, да си го собере сметот што се наоѓа покрај контејнерите и да ни овозможи на сите нас едно поубаво место за живеење како што ветуваше во кампањата“, рече Стојкоски.
Ѓорче Перов не е единствена општина која има проблем со отпадот. Претходно, остра реакција имаше и до Аеродром каде контејнерите беа оставени полни. Ова беше негирано од Комунална хигиена кои по извесен период пратија фотографии дека ги испразниле.