Нова спортска сала во Хром
Во наредниот период отпочнуваме со изградба на нова училишна спортска сала во ООУ ,,Димитар Поп Георгиев – Беровски” во населба Хром, којашто конечно ќе ги задоволува потребите на учениците од ова училиште и дечињата ќе имаат можност правилно да се развиваат во одлични услови. Проблемите со одржувањето на часовите по физичко, заминуваат во историјата, вели Стојкоски.
Спортската сала ќе се протега на 550 м2 и ќе ги има сите услови за одржување настава по физичко образование, како и соблекувални, тоалети и просторија за реквизити. Просторот ќе биде уреден соодветно, се со цел покрај училишната настава, да може да се тренираат спортови кои што се соодветни на овој тип спортска сала, додаде градоначалникот Стојкоски.
Големо е задоволството да се соопшти ваква убава вест, бидејќи години наназад наставниците од ова основно училиште се соочуваа со многу потешкотии при реализација на наставата по физичко образование, а дечињата ги немаа потребните услови за правилен развој. Со овој чекор, го решаваме ова прашање на долг рок и вложуваме во нашите најмлади жители.
Продолжуваме со иста динамика во реализација на сите проекти кои се од круцијално значење на жителите на Ѓорче Петров. Нашата општина мора да биде урбано, модерно и пријатно место за живеење, заврши градоначалникот.