Коментари

„Вадам пасош по итна постапка, поминав низ голгота и ми ставиле туѓа слика“ – граѓаните се жалат дека им грешат и лични податоци

Велешанецот Игор Смилев тврди дека во пасош кој го вадел по итна постапка, му била згрешена фотографијата. Па наместо од него, изработувачите од МВР ставиле фотографија од друго лице. Поради ова, тој морал одново да се фотографира и чека за пасошот да биде изработен. Но освен него, на неговата објава се јавија и други граѓаните со сличен проблем – грешка во име или презиме.

„Северџанија деновиве, губиш ден, се сликаш итно за пасош, минуваш низ голгота, се пцуеш со блиски и туинци и конечно ти закажуваат термин за подигнување на пасош. Доаѓаш на термин, губиш цел ден, го земаат пасошот и.. ти ставиле туѓа слика во твојот пасош. Ох Универзуме, што ти згрешивме“, пишува велешанецот Смилев во јавниот статус.

Под него, и други граѓани се јавија со истиот проблем.

„Ми погрешија буква во името – судбина или неписмена администрација. И што понатаму … се одново?!“, пишува друго лице, а се надовржува и друга жена која посочува: „Да се одново. Мене на ќ на презимето, цртичка не ја ставиле, напишале к. Се јово на ново“.

За грешките во патните исправи се обративме и во МВР. Оттаму очекуваме одговор дали пасошот на Смилев е заменет, како и, дали често се случуваат грешки при изработка на пасошите, во и онака, малкуте обрасци кои државата ги има на располагање.

На почеток