Скопје

Незаконско е конзерваторското мислење за 17-катница кај Воена болница – треба веднаш да се поништи, а без него нема зграда

Незаконски било издадено конзерваторското мислење кое овозможи изградба на 17-катница за 2.000 жители кај Воена болница, констатирала работната група во Министерството за култура. Според министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, побарано е негово итно поништување. Немаше конкретен одговор дали ова ќе значи и итно стопирање на градбата и рече дека другите институции, меѓу кои е Општина Карпош, ќе треба да постапат.

„Извештајот го добивме, и во тој извештај стои дека издаденото конзерваторско мислење не е според правилникот за заштита на културното наследство, го вративме во првостепено одлучување и очекуваме да биде поништено уште денеска“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Со ова се потврдија наводите на невладините организации о активистите кои рекоа дека конзерваторското мислење е незаконско и го опишаа како мафијашко.

„Повикана е инспекција да отиде во Конзерваторскиот центар и да извршат надзор во однос на Законот за културно наследство. Тие инспектори, не излегуваа на терен од непознати причини, дури вчера беа во Конзерваторски центар-Скопје. Што донеле како мислење – не знам. Тоа што беше во наш домен, ние се обративме до Конзерваторскиот центар и очекувам денес како првостепен орган, кој го издал, да го поништи“, додаде министерката.

Според нејзе, и другите институции треба да преземат чекори по поништувањето на мислењето.

Парцелата на која треба да се гради зградата се наоѓа непосредно до болницата „8 Септември“ која има статус на споменик на архитектноско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. За добивање на градежна дозвола, според Законот за заштита на културно наследство, проектот мора да биде одобрен од Конзерваторскиот центар. Истиот центар, по едно негативно, даде позитивно мислење – кое сега треба да се укине.

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски во средината на јануари ја потпиша градежната дозвола за изградба на спорната 17-катница среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Инвеститорот на градбата „ЗСФ Ком“ веќе го огради градилиштето и на терен почнуваат градежни работи за изградба на зградата.

На почеток