Ковачевски собира партии во коалицијата, но не кажа со кои преговара: Ако има интерес, листите можат да бидат проширени


Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски посочува дека се подготвуваат за парламентарните избори. Сакаат да ја окрупнат коалицијата, па пред новинарите посочи дека прават анализи за да им се придружат и нови партии кои биле дел од Владата, но не дел од коалицијата. За тоа што со ДУИ, Ковачевски рече дека тие си знаат најдобро, па не кажа дали ќе имаат изборна коалиција.
„СДСМ ќе има кандидати во сите изборни единици, имаме разговори со коалиционите партнери, ќе има разговори и со политички партии кои традиционално не се дел од нашата коалиција. Ако има интерес, се најде заеднички јазик, тие листи може да бидат проширени и со други партии. Во моментов се работи на определување на кандидати и листи на партии“, рече Ковачевски.
Прашан со кои нови партии можеби ќе соработуваат, тој не даде конкретен одговор и рече: „Се работи за партии кои се во коалиција со СДСМ, а не биле на листите во 2020 година“.
