Македонија

Леонид ја здрма државата: Но наместо да се најдат средства, се префрла одговорноста – криви се законите и документацијата

Три дена Фондот за здравствено осигурување се правда пред јавноста, зошто Леонид Индов кој бараше 140.000 евра за лекувањево Виена – не ги доби. За истото време, граѓаните организираат хуманитарни акции, донираат на сметките и телефоните, бидејќи семејството на Леонид мора да го плати третманот. Во ФЗОМ се организираше и брифинг, во четири ѕида и без камери, каде меѓудругото, беше кажано: „Леонид Индов не е во животозагрозувачка состојба, а ако бил, Фондот за здравство ќе му дал помош во рок од 24 часа“. Додека во ФЗОМ велат дека тие не се виновни, туку процедурите, техничкиот премиер Талат Џафери не сака да чуе за измени на закони и правилници.

Магдалена Филиповска-Грашкоска, директорка на ФЗОМ кажа дека не дозволиле со државни пари да се плати лекувањето на Леонид, врз база на непотполна документација. Проблем гледа и во конзилијарното мислење, каде што, тврди дека не била наведена интервенцијата на која бил упатен Леонид. Таа повтори: „Во Македонија ги има сите улсови за третирање на болеста на Леонид како во Австрија“, но не објасни во која клиника.

„Актуелниот закон за здравствено осигурување не дозволува промена на правилниците, дури и ако управниот одбор ги изгласа промените и за тоа добие согласност и од Министерството за здравство, тоа нема да биде возможно бидејќи треба да се смени Законот за здравствено осигурување“, рече Филиповска-Грашкоска, директорка на ФЗОМ.

Истовремено, Џафери одговарајќи на новинарско прашање за случајот на Леонид, рече дека не може да се менуваат закони поради одредени случаи.

„Законите се општи правила што треба да важат и што ја даваат можноста консензуално да се процени и оцени кој пациент каде треба да оди во странство, доколку нема предуслови лекувањето да се третира во земјава“, рече Џафери.

За истото ова време, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски ги повика хуманите граѓани да донираат и изрази револт што детето е оставено без средства од страна на државата. Град Скопје започна хуманитарна акција. Инфлуенсери, меѓу кои Миа Костова започна кампања на социјалната мрежа „Инстаграм“. Семејството гледа надеж во народот, откако државата ги остави на цедило.

На почеток