На штадови од Левица прашувале што ќе им дадат за да се потпишат за Ванковска: Ќе се помачиш, ама нема да собираш потписи за 500-че
Билјана Ванковска, која собира потписи за да биде претседателски кандидат од Левица, посочува дека на нивните штандови доаѓаат луѓе кои прашуваат: „што давате за потпис?“. Таа потоа додава дека ќе се помачи, ама нема да собира потписи со пари.
„Ќе се помачиш, ама нема да собираш потписи за 500-че! Каква деградација на оние најнемоќните и најсиромашните е тоа, што не можам ни да ја замислам! Или би си заминала со дигната глава ама со чиста совест – такви потписи не ми требаат. Неодамна кај мене докторираше еден умен млад човек од ромската заедница на тема за политичката партиципација на Ромите. Тешко е сознанието дека тие се и натаму паричка за поткусурување. Имавме искуства на луѓе на штандовите кои прашуваа: што давате (за потпис)? Одговотот беше: ништо не даваме, вие се борите за себе, за надежта дека ќе ја смениме оваа беда и сиромаштија. За наша среќа преку 8000 луѓе ни пријдоа без и да прашаат нешто такво!“, пишува Ванковска.
Претходно, Европскиот сојуз за промени објави дека и Арбен Таравари ги собрал потребните 10 000 потписи потребни за кандидирање на изборите за претседател. Веста ја објави и Таравари на ФБ.
„Ви благодарам на секој од вас што во рекордно време ја потпишавте мојата кандидатура за претседател! Целата оваа кампања нека биде наменета за Вас”, напиша Таравари.
ДУИ исто се пофали дека нивниот кандидат Бујар Османи собрал 10 000 потписи за да се кандидира на изборите за претседател. Интегративците се задоволни од одзивот на граѓаните кој ја поддржале кандидатурата на Османи, а тој и понатаму ќе остане на чело на МНР и паралелно ќе ја трча изборната трка.
,,Над 10.000+ потписи за кандидат за Претседател! Благодарам за поддршката. Продолжуваме заедно до конечна победа“, се пофали и Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ, на социјалните медиуми”.