Македонија

Славјанка купува хеликоптери во период на избори, утре кога ќе ве тегнат по судови Талат нека ве брани, ѝ порача Ковачки

Пратеникот и претендент за нов мандат, Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, одново ја нападна министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Според него, одлуката на Владата за купување на хеликоптери во период на избори е со цел собирање на политички поени. Ѝ порача дека кога ќе ги тегнат по судови, да го викне Талат за да ја брани.

Целото обраќање на Ковачки:

Славјанка купува хеликоптери во период на техничка Влада и на распишани избори. Ако, така треба, терајте со одлуките, утре кога ќе ве тегнат по судови, Талат нека дојде да ве брани.

*Македонското воено воздухопловство, после триесет години постоење, во време владеење на СДС, денес е сведено на еден до два, евентуално три функционални воздухоплови, со многу ограничени оперативни способности. Министерката наместо да се обидува да собира евтини политички поени, фалејќи се со договор за купување на нови хеликоптери, би било подобро да објасни зошто воздухопловството или воздухопловната единица наречена ВИНГ, е вратено(a) во 80-тите години од минатиот век.

Наши хеликоптери и персонал во изминатиот период можеа да учествуваат на вежбовни активности во рамките на НАТО, надвор од нашата држава и тоа со употреба на ракетно и друго вооружување, во ноќни и сложени временски услови, а денес тоа е невозможна мисија!
Славјанка Петровска треба да објасни зошто после 4 години членство во НАТО, воздухопловниот ВИНГ не е во можност за потребите на чување на нашето небо да обезбеди еден хеликоптер и посада за 24-часовно барање и спасување. (!)
Доколку се направи подетална анализа на состојбите во македонската армија, веројатно ќе се дојде до слични сознанија и за другите капацитети, иако министерката за одбрана не пропушта прилика да не потсети дека континуирано ги зајакнува армиските способности. Најверојатно нејзините критериуми се базираат на зголемувањето на буџетот за подлажување на персоналот со додатоци на плата, а не на зголемената огнена моќ и обученост на персоналот.

Додека таа се фали со купување на нови транспортни хеликоптери со кои треба да се заменат старите, во нашето опкружување се набавуваат високо способни борбени воздухопловни платформи (авиони, хеликоптери, дронови и сл.), со цел зајакнување на севкупните армиски способности. Пример, Хрватска го зголемува бројот на борбени воздухоплови од 20-тина на околу 40 и планира да издвои околу 2 милијарди евра во следните десетина години. Во Србија, Бугарија, Словачка, Чешка, Грција и други држави се случуваат слични процеси, а ние согласно нашата безбедносна проценка планираме да развиваме само транспортни воздухопловни капацитети. (?!) Очигледно власта не сака да се соочи со реалноста, односно дека и нашата држава е исто така загрозена како и нашите соседи, кои подолго време инвестираат во зголемување на огнената моќ на нивните воени воздухопловства и други армиски компоненти. Нејасно е кои воени експерти и партијаши од СДС заклучиле дека нас НАТО ќе не брани, а нашите соседи нема, па тие мора сами да се снаоѓаат и да набавуваат оружје.

Воздухопловниот транспорт е значаен, но не е најзначаен и не може да се оправда трошење на огромни ресурси само за тој капацитет, особено кога државата располага со солидни хеликоптери за оваа намена, што овозможува доволно простор и време за внимателен и балансиран пристап во однос на опремувањето на воздухопловството со нова западна технологија. Според моите контакти со голем дел од професионалците, тие се на мислење дека доколку претходно не се разрешат наталожените проблеми, доаѓањето на новата техника само ќе предизвика мултиплицирање на постоечките проблеми. Значи, прво мора да се овозможат услови за непречен развој на оперативните пилоти, како и воздухопловно-техничкиот персонал. Потоа речиси едновремено треба да се работи на обновување на условите за едукацијата на нови кадри, а сето тоа е невозможно без обезбедување на ефикасна логистичка и техничка поддршка, или со еден збор воспоставување на ефикасен систем, базиран на систем на вредности и контрола на истиот. Всушност се работи за бројни предуслови и се чини МО и армијата немаат реална претстава што се треба да се направи за кратко време и колку ќе чини, со цел успешно прифаќање на новата воздухопловна техника. Со потпишувањето на овој договор за набавка на нови хеликоптери, всушност се одредува иднината на воздухопловниот елемент на нашата армија за следните 40 години. Прашање е дали воздухопловите кои биле во потесниот избор се детално анализирани во однос на сите елементи и способности, вклучително и нивната цена во однос на перформансите и мисиите кои треба да ги извршуваат. Исто така, оперативните трошоци, профилот и бројот на луѓе, компатибилноста на виталните склопови, едноставноста при трансферот на пилоти од еден на друг тип на воздухоплов и многу други на прв поглед неважни, но во процесот на експлоатација често критични елементи. Во случајов, согласно информациите со кои јас располагам, изборот на Леонардо е направен во последен миг, додека подолго време, од самите пилоти вклучени во процесот, предноста била давана на друга компанија и други типови на воздухоплови.

И на крај, може ли да очекуваме тие што го сведоа воздухопловството на ниво на еден поскромен аероклуб, успешно да реализираат еден мега проект, кој ќе ја чини нашата држава околу една милијарда евра, бидејќи не се работи само за набавка на хеликоптери туку и за нивна подоцнежна повеќедецениска поддршка.
Повторувам, договорот се потпишува во време на распишани избори.

За жал власта се’ уште е убедена дека е семоќна. Среќа е крајот што се гледа, а новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ и новото раководство на МО ќе мора детално да го испита целиот процес на оваа капитална набавка за армијата.

На почеток