Свет

Скок во приходите и профитот на голем германски производител на оружје

Германија бара заплена на повеќе од 720 милиони евра замрзнати руски средства

Германскиот производител на оружје Рајнметал објави силен раст на профитот и приходите во 2023 година, истакнувајќи дека зголемените трошоци за одбрана од страна на членките на НАТО ќе го поддржат нејзиниот бизнис во годините што доаѓаат.

Консолидираните приходи на Рајнметал минатата година пораснаа за 12 отсто, на 7,18 милијарди евра. Во бизнисот со оружје и муниција тој скокнал за 29 отсто, а во секторот системи за возила за 15 отсто.

Сепак, компанијата не ја постигна целта за 2023 година, која предвидуваше приходи во опсег од 7,4 до 7,6 милијарди евра.

Кога ќе се исклучат еднократните ставки, консолидираната оперативна добивка се зголеми за 19 отсто, на 918 милиони евра. Вклучувањето на неповторливи ставки го намалува износот на 897 милиони евра, што е за 21,5 отсто повисоко од споредливиот резултат во 2022 година.

На крајот на минатата година вредноста на нереализираните нарачки порасна за 44 отсто, на рекордни 38,3 милијарди евра.

За прв пат годишниот приход треба да надмине 10 милијарди евра
Оваа година приходот на Рајнметал за првпат треба да ја надмине границата од 10 милијарди евра, прогнозира менаџментот. Оперативната профитна маржа треба да се зголеми на 14 до 15 отсто, од ланските 12,8 отсто, оценуваат тие.

„Започна нова деценија на безбедносна политика“, изјави извршниот директор Армин Папергер на презентацијата на деловните резултати на групацијата во 2023 година.

По влегувањето на руските трупи во Украина во февруари 2022 година, Германија најави нова одбранбена политика, со посебен одбранбен фонд од 100 милијарди евра за модернизација на вооружените сили.

Другите членки на НАТО, исто така, планираат да трошат повеќе за одбрана, а побарувачката на Украина за муниција поттикна скок на европското производство во тој сегмент.

На почетокот на февруари, Рајнметал објави дека купил 72,5 отсто од акциите во романскиот производител на воени возила Automecanica Medias со цел да го прошири производството на воени возила, заедно со услугите за одржување, и да ги прошири операциите во Источна Европа.

Проширувањето на операциите во Романија ќе му овозможи на Рајнметал побрзо да реагира на нарачките и да го зајакне синџирот на снабдување за вооружените сили на источното крило на НАТО. Веќе годинава очекуваат нарачки вредни стотици милиони евра.

На почеток