Свет

Нож во грб на Трамп: „Нема да го поддржам“

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс денеска соопшти дека нема да го поддржи својот поранешен шеф и републикански кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во ноември.

„Не треба да изненадува што нема да го поддржам Доналд Трамп оваа година“, рече Пенс за Фокс њуз.

Тој додаде дека е горд на резултатите на администрацијата што ја водел заедно со Трамп.

„Тоа беше период кој ја направи Америка попросперитетна и побезбедна“, рече Пенс.

Сепак, тој истакна дека има „длабоки разлики“ меѓу него и Трамп „за голем број прашања“.

Пенс рече дека не го поддржува Трамп, меѓу другото, поради неговото противење на забраната на TikTok во САД и затоа што вели дека републиканскиот претседателски кандидат нема план да се справи со огромниот јавен долг на Соединетите држави.

„Доналд Трамп следи и артикулира агенда што е спротивна на конзервативната агенда што ја следевме во текот на нашите четири години. И затоа не можам со чиста совест да го поддржам Доналд Трамп во оваа кампања“, рече американскиот политичар од Индијана.

Во 2021 година, Пенс изјави дека нема овластување да ги поништи резултатите од претседателските избори, и покрај притисокот од Трамп да го стори тоа за време на конгресната потврда на резултатите.

На почеток