Свет

Шпионот на Путин: Французите ќе испратат 2.000 војници во Украина

Меѓусебни напади меѓу Русија и Украина со беспилотни летала; Путин најавува зајакнување на армијата во близина на границата со Финска

Русија има информации дека Франција се подготвува да испрати воен контингент од 2.000 војници во Украина, изјави директорот на руската надворешна разузнавачка служба (СВР) Сергеј Наришкин, пренесува државната новинска агенција Тас.

„Сегашното раководство на Франција не се грижи за смртта на обичните Французи или за загриженоста на генералите. Според информациите кои ги добивме, веќе се во тек подготовките за испраќање контингент. Првично во него ќе има околу 2.000 војници“, рече Наришкин.

Според него, француската армија „стравува дека толку голема воена единица не може незабележано да биде префрлена и стационирана во Украина“.

„Така, тој ќе стане легитимна приоритетна цел за напади на руските вооружени сили. Тоа значи дека ќе ја доживее судбината на сите Французи кои некогаш дошле во рускиот свет со меч“, најави тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатиот месец одби да ја отфрли идејата за испраќање европски трупи во Украина, иако предупреди дека „не е постигнат консензус“ меѓу сојузниците.

„Ништо не треба да се исклучува. Ќе направиме се што треба Русија да не победи“, рече тој.

Италијанскиот премиер Џорџо Мелони денеска истакна дека испраќањето копнени трупи во Украина би предизвикало ескалација „што треба да се избегне по секоја цена“. Официјален претставник на Белата куќа рече дека Соединетите држави не планираат да испраќаат војници да се борат во Украина, како и дека исто така нема планови за испраќање војници на НАТО.

На почеток