Свет

Граѓаните на САД бегаат од Хаити: Хеликоптери на американската влада ги превезуваат во Санто Доминго поради војната на бандите

Хеликоптери изнајмени од американската влада почнаа да превезуваат американски граѓани од главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, во услови на зголемено насилство, соопшти Стејт департментот.

Со првиот лет биле превезени повеќе од 15 луѓе до Санто Доминго во Доминиканската Република, објави Ројтерс.

Портпаролот на Стејт департментот процени дека повеќе од 30 американски граѓани ќе можат да го напуштат Хаити дневно.

Немирите во центарот на главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и во областа на меѓународниот аеродром во градот започнаа на 29 февруари, во отсуство на премиерот Ариел Анри, кој беше во Кенија во обид да го финализира распоредувањето на странски вооружени сили на Хаити за борба против бандите.

Банди зазедоа голем дел од Порт-о-Пренс, објавувајќи ја својата намера да го спречат премиерот да се врати на власт и да го „ослободат“ Хаити. Во земјата беше прогласена вонредна состојба, а Анри подоцна ја објави својата одлука да поднесе оставка.

Според проценките на ОН, повеќе од 360.000 луѓе се внатрешно раселени на Хаити.

На почеток