Свет

Масовен руски напад врз Одеса: Прекинато снабдување со електрична енергија

Меѓусебни напади меѓу Русија и Украина со беспилотни летала; Путин најавува зајакнување на армијата во близина на границата со Финска

Во украинското пристаниште Одеса беше прекинато снабдувањето со електрична енергија по руски воздушен напад во кој беше оштетен високонапонски енергетски објект, соопшти денеска најголемиот украински снабдувач со енергија ДТЕК.

„Ситуацијата се уште е тешка. За да се намали оптоварувањето на мрежата, денеска во градот нема да работи електричен транспорт, а ограничена е и индустриската потрошувачка“, беше објавено на Телеграмскиот канал на ДТЕК, пренесува Укринформ.

ДТЕК додава дека прави се за што поскоро да се воспостави снабдување со енергија на домаќинствата и ги повикува жителите економично да трошат струја. Соопштено е дека до утринава е вратена струјата во два градски квартови.

Руските сили синоќа ја нападнаа Одеса со неколку групи нападни беспилотни летала од Црното Море, чија цел беше енергетската инфраструктура. Остатоците од дронот предизвикале пожар во електраната, кој веднаш бил изгаснат, соопштија градските власти.

Во Николаев 11 лица се повредени како последица на паѓање на фрагменти од соборен руски дрон од типот Шахед, објави регионалната управа на Фејсбук. Како што се наведува, делови од соборениот дрон предизвикале пожар на станбена зграда и два автомобили, а оштетени се и приватни куќи во близина.

На почеток