Стоилковски: Платформа 1198 е одговор на огромниот број на барања и проблеми на граѓаните
„Платформа 1198“ е изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ која што содржи 1198 проекти која што е одговор на огромниот број на проблеми на граѓаните, проблеми кои што ги имаме регистрирано последните две, три години од посетите на терен во сите градови и населени места, каде што со секој еден граѓанин со кој што сме се сретнале, што сме регистрирале нивни проблеми, загрижености и предизвици, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во денешното гостување на радио „Лидер“.
Тој посочи дека оваа програма е одговор на барањата на граѓаните и на нивните потреби за да може во државата да гледаат не само партнер и услов за да може да опстанат и да живеат во Македонија.
„Изборната програма е поделена во пет целини кој што опфаќаат заеднички теми, така ни беа и петте платформски дебати кои што ги направивме во неделата на настанот спојувајќи по неколку области во една бидејќи се надоврзуваат, за да можеме да направиме целосна слика. Настанот беше именуван „Платформа 1198“ – Луѓето на прво место, каде што ги опфативме најголемите приоритети кои што се носечки во програмата. Најдоминантно место има економијата, финансиите, енергетиката кои што треба да носат развој во Македонија. Понатаму, беше и делот во надворешната политика, привлекување на странските инвестиции, а се обврзуваме на раст на БДП до 5% годишно“, рече Стоилковски.
Стоилковски посочи дека во програмата се појаснува како ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против корупцијата која што за жал ја има премногу поради оваа актуелна власт. Но со идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ корупцијата ќе биде сведена на нула.
„Едно од главните ветувања кои што беа кажани од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тоа е дека ќе се укине балансерот што всушност е дека етничката припадност нема повеќе да биде главен носител на професија, некаков критериум за добивање на работно место“, појасни портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Стоилковски укажа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи за да Македонија стане подобро место за живеење.