Свет

Германија затвори седум електрани на јаглен

Седум електрани на јаглен во Германија беа затворени за време на Велигден, бидејќи побарувачката за електрична енергија во земјата падна, објавија во неделата производителите на електрична енергија RWE и LEAG.

Пет беа повлечени од резерва од страна на федералната влада за да се справат со недостигот на снабдување со гас во текот на зимата, а на две им беше дозволено да продолжат да работат по планираниот датум на исклучување, соопштија компаниите.

Електраните, лоцирани покрај Рајна и во Бранденбург околу Берлин, треба да бидат трајно затворени како што зимата се приближува кон крајот.

Плановите на Германија да ја намали зависноста од јаглен беа попречени поради прекинот на испораките на гас од Русија по конфликтот со Украина во февруари 2022 година.

„Со оглед на влошената климатска криза, деактивирањето на електрани на јаглен е важна мерка за намалување на емисиите на стакленички гасови“, рече Катрин Хенебергер, член на Зелените во парламентот.

Министерството за економија има законска обврска да провери колку дополнителни емисии предизвикуваат континуираното работење на електраните. До крајот на јуни мора да има предлог како да се компензираат овие емисии.

Германија има намера да „направи се што е во нејзина моќ“ за да ги исполни климатските цели поставени во Париз во 2015 година за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, според владината стратегија.

Трите владејачки партии имаат за цел постепено да ја укинат употребата на јаглен до 2038 година, а ако е можно, до 2030 година.

На почеток