Свет

„Гаспром“ објави дека ја обновил испораката на гас

Рускиот енергетски гигант Гаспром денеска објави дека ја обновил испораката на гас за Кина преку гасоводот ,,Моќта на Сибир” по завршувањето на редовните работи за одржување.

Одржувањето на опремата и системот на гасоводот ,,Моќта на Сибир” се врши двапати годишно, во пролет и во есен, во согласност со купопродажниот договор меѓу Гаспром и кинеската компанија CNPC, пренесува ТАСС.

Работите за одржување беа извршени од 24 март до 1 април.

Во 2023 година, Гаспром ја зголеми испораката на гас во Кина преку ,,Моќта на Сибир” за 1,5 пати на 22,7 милијарди кубни метри, што е за 700 милиони кубни метри повеќе од договорните обврски.

Се очекува дека целосниот извозен капацитет на ,,Моќта на Сибир” од 38 милијарди кубни метри гас годишно ќе биде достигнат во 2025 година.

Генералниот директор на Гаспром Алексеј Милер изјави дека Кина ја разгледува можноста за зголемување на испораките на руски гас преку ,,Моќта на Сибир” над проектираниот капацитет од 38 милијарди кубни метри.

Според него, таков договор би можел да се постигне во блиска иднина.

На почеток