Свет

Северна Кореја лансираше балистичка ракета кон Јапонското Море

Северна Кореја лансираше нова балистичка ракета, 12-та оваа година

Северна Кореја денеска лансираше балистичка ракета кон Јапонското Море, а ракетата падна во водите надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, соопшти јапонското Министерство за одбрана.

Ракетата е истрелана во североисточен правец од западниот брег на Северна Кореја во 6:52 часот по локално време и прелета повеќе од 650 километри на максимална височина од околу 100 километри, пренесува агенцијата Кјодо. Нема извештаи за штета на авиони или бродови.

Јапонската влада протестираше до Северна Кореја, изјави премиерот Фумио Кишида, додавајќи дека лансирањето на балистички ракети од страна на земјата е кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

„Ова е прашање што се однесува не само на безбедноста на нашата земја, туку и на безбедноста на регионот и меѓународната заедница. Ова е апсолутно неприфатливо“, изјави Кишида.

Тој посочи дека Јапонија ќе соработува со САД и Јужна Кореја за да се обезбеди безбедност во регионот.
Во соопштението, американската Индо-пацифичка команда ја повика Северна Кореја „да се воздржи од понатамошни незаконски и дестабилизирачки акти“, додавајќи дека обврските на САД за одбраната на Јужна Кореја и Јапонија „остануваат цврсти“.

На почеток