Свет

Севернокорејска балистичка ракета експлодираше во воздух

Северна Кореја лансираше балистичка ракета во правец на Источното Море во текот на ноќта, но ракетата експлодирала во воздух откако прелетала околу 250 километри, соопшти војската на Јужна Кореја.

Во соопштението се наведува дека ракетата е лансирана од областа Пјонгјанг и дека разузнавачките служби на Јужна Кореја и САД вршат детални анализи за неа, пренесе Јонхап. Воен извор изјави за новинската агенција дека Северна Кореја се чини дека тестирала хиперсонична ракета на цврсто гориво, но дека тестот бил неуспешен бидејќи ракетата експлодирала откако поминала околу 250 километри.

Лансирањето следеше откако Северна Кореја го осуди пристигнувањето на американскиот носач на авиони УСС „Теодор Рузвелт“ во Јужна Кореја, наведувајќи дека тоа е чин на провокација. Носачот на авиони пристигна во Бусан, 320 километри југоисточно од Сеул, во саботата пред трилатералните воени вежби на САД, Јужна Кореја и Јапонија.

Лансирањето на ракетата дојде и откако Северна Кореја потпиша сеопфатен договор за стратешка соработка со Русија за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг минатата недела, во кој, меѓу другото, се предвидуваше дека двете земји ќе си помогнат ако бидат нападнати.

Северна Кореја последен пат лансираше повеќе балистички ракети со краток дострел во Источното Море на 30 мај.

На почеток