Свет

Министрите за одбрана на САД и Русија разговараа за прв пат по една година

Министрите за одбрана на САД и Русија, Лојд Остин и Андреј Белоусов разговараа телефонски за прв пат по повеќе од една година, а двете страни дадоа многу различни изјави за разговорот, пренесува Ројтерс.

Пентагон соопшти дека Остин и Белоусов разговарале за важноста на отворените линии на комуникација во вторникот. Остин го иницираше разговорот и тоа беше прв таков повик од март 2023 година, рече портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер во соопштението.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Остин и Белоусов размениле мислења за ситуацијата околу Украина.

Според оваа изјава, Белоусов го предупредил Остин за опасностите од продолжување на испораката на американско оружје за Украина во нејзиниот 28-месечен конфликт со Москва, пренесува РИА Новости.

Војната во Украина ги доведе односите на Москва со Вашингтон на најниско ниво од Кубанската ракетна криза во 1962 година, наведува Ројтерс. Москва минатиот викенд објави дека САД се одговорни за украинскиот напад на полуостровот Крим со американско оружје во кој загинаа четири лица.

Испораките на американско оружје за Украина продолжија во април, откако Конгресот го одобри пакетот помош од 61 милијарда долари.

На почеток