Министерот Тошковски одржа состанок со оперативниот штаб за спроведување на парламентарните и претседателски избори 2024
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одржа работен состанок со раководителот и членовите на оперативниот штаб и раководителите на 8 помошни штабови формирани за спроведување на парламентарните и претседателските избори 2024. На состанокот, министерот од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност и началникот на Одделот за униформирана полиција при БЈБ беше информиран за сите досегашни активности кои се преземени од страна на оперативниот штаб, како и оние мерки и активности кои треба да бидат преземени во наредниот период со цел да се овозможи организирано, синхронизирано и координирано делување на полицијата во насока на обезбедување на мирни и демократски избори, како и спречување на секаков обид за загрозување на изборниот процес. Во таа насока, досега одржани се и 5 состаноци со Државната изборна комисија, а во тек е обуката на полициските службеници за улогата на полицијата во изборен период.
„Од моја страна беше дадена насока да се задржи високото ниво на будност и подготвеност на полицијата во овој контекст, како и да се стави акцент на прибирањето на оперативни информации со цел превенција на можни загрозувања на безбедносната состојба во овој предизборен период. Од страна на директорот на БЈБ и членовите на оперативниот штаб беше потенцирано дека безбедносната состојба е стабилна и дека полицијата е подготвена да се соочи со претстојниот безбедносен предизвик поврзан со организирањето на изборите“, потенцираше министерот Тошковски.