Свет

Плановите на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предложи петгодишен пакет воена помош за Украина во износ од 100 милијарди евра, со кој Северноатлантската алијанса ќе му даде подиректна поддршка на Киев, потврдија пет неименувани дипломати.

Тие наведуваат дека, согласно овој план, НАТО ќе преземе некои координативни обврски од т.н Групата Рамштајн предводена од САД, со цел да го заштити НАТО од какво било намалување на американската поддршка доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа, пренесува Ројтерс.

Се очекува овој предлог да биде разгледан за два дена на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО за да се добијат условите овој пакет помош да биде усвоен за време на самитот на Северноатлантската алијанса, што се одржува во јули во Вашингтон.

Досега НАТО како организација се ограничуваше на испраќање несмртоносна помош за Украина поради страв дека подиректна улога може да предизвика ескалација на тензиите со Русија.

Повеќето земји од НАТО обезбедуваат оружје за Украина на билатерална основа, но неименувани дипломати велат дека постои се поголем договор во западната воена алијанса дека е дојдено време да се зголеми воената помош за Украина на долгорочна основа, а НАТО е најдобро поставен да ја преземе повеќе од таа улога.

На почеток