Пендаровски со граѓаните на Кривогаштани и Крушево: Покажав дека сум претседател на сите, така планирам и да продолжам
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во првиот ден од кампањата се сретна со граѓаните на општините Кривогаштани и Крушево.
На средбата во Кривогаштани, Пендаровски посочи дека во последните пет години државата оди напред и дека мора така да продолжи и во следниот период, затоа што само така ќе успееме како држава да ги задржиме младите дома.
Пендаровски пред присутните потсети дека во изминатиот период по ниедна основа ги нема делено граѓаните и дека така ќе продолжи и во иднина.
„Никогаш не сум ги делел луѓето на наши и ваши, сите сте мои сограѓани. Во првиот мандат бев претседател за сите и на сите граѓани. Во вториот мандат ќе бидам повторно претседател кој не дели, туку обединува“ порача Пендаровски.
Во Крушево, пред бројните граѓани, Пендаровски порача дека во последните пет години се исполнува аманетот од Крушевскиот манифест заеднички да ја градиме државата како модерна европска држава.
„Крушево е столбот на државата, коренот на државата. Овде е направена Крушевската Република, оттука тргнува идејата за заедништво. Крушевскиот манифест ден денеска е модел по кој сите ние се носиме и немаме намера да менуваме, освен неколкумина од опозицијата“ порача Пендаровски додавајќи дека во главната опозициска партија нема никаква промена, дека таму се уште се истите ликови, истата матрица.
Пендаровски, првиот ден од кампањата го заокружува со централен настан во Прилеп.