Русија и Украина во жесток судир: Експлозии одекнуваат во Одеса
Во текот на ноќта Русија ја нападна Украина со 17 нападни беспилотни летала Шахед-131/136, две крстаречки ракети Искандер-К и една балистичка ракета Искандер-М, насочени кон областите Одеса, Миколаев, Херсон и Кировохрад, соопштија украинските власти.
Во текот на утрото во Одеса се слушнале силни експлозии, а соопштено е дека во рускиот напад биле оштетени енергетски објект, приватна куќа и неколку автомобили, пренесува украинската агенција Униан.
Украинските одбранбени сили уништија 14 непријателски нападни беспилотни летала Шахед, соопшти командантот на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина, генерал Микола Олешчук.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле пет украински беспилотни летала на небото над областа Брјанск.
„Дежурните системи за противвоздушна одбрана уништија пет украински беспилотни летала над територијата на регионот Брјанск“, се вели во соопштението на Министерството објавено денеска, пренесува Интерфакс Русија.
Нема извештаи за евентуални жртви или причинета материјална штета во овој напад.