Македонија

Пендаровски во Кавадарци: Силјановска-Давкова е личен избор на Мицкоски

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Квадарци порача дека 24 април ќе биде клучен датум и дека токму во првиот круг потребна е масовна поддршка на концептот што ја води државата напред, кон интеграција во ЕУ.

„Значи 24-ти, е клучниот датум, затоа што по длабоко мое уверување на 24-ти, од тие резултати многу ќе зависи конечниот исход и за двата избора и за претседател и за парламент. Ако на 24-ти покажеме дека сме многу побројни дека сме во големо мнозинство и сакаме оваа Македонија единствената татковина која ја имаме да продолжи по истиот пат. Мислам дека на сите ќе им биде јасно вклучително и на нашите политички опоненти дека ќе си останат опозиција и во наредните четири односно пет години“ порача Пендаровски.

Одговарајќи на прашања од граѓаните, Пендаровски посочи дека тој во неговиот петгодишен мандат покажал дека е претседател за сите, дека во неговиот кабинет дошле над 4.500 луѓе, дека има поминато над 80.000 километри низ државата среќавајќи се со луѓе од различна верска, етничка и политичка припадност.

Кандидатот за претседател Пендаровски оцени дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски штом до сега не прифатил, нема ниту во иднина да прифати дуел со него, како и тоа дека Гордана Силјановска-Давкова е личен избор на самиот Мицкоски.

Пендаровски порача дека Силјановска-Давкова самата не се појавува на закажани и договорени настапи во рамки на нејзината кампања со што се докажува дека Мицкоски сака во исто време да биде и претседател и премиер.

„Денеска видов барем едно пет, шест општини во Македонија кадешто е најавено на плакат дека доаѓа или кандидатката, таа не се појавува и наместо неа зборуваат други луѓе од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, мислам дека тука се крие една друга намера на нејзиниот партиски лидер која ја поддржа, бидејќи таа е личен избор на Мицкоски тоа го знаеме сите. Мислам дека тој сака во исто време да биде и претседател и премиер, ако се може“ посочи Пендаровски пред граѓаните на Кавадарци.

На почеток