Македонија

Уште два дена кампања до претседателските избори: кој каде ќе митигнува

Карваните крстосуваат низ земјата, денеска и утре ќе бидат упатени последните пораки од претседателските кандидати.

Пред зградата на ЕУ во Скопје, СДСМ, Коалицијата за европска иднина и кандидатот за претседател Стево Пендаровски во 13 часот денеска ќе одржат централен граѓански митинг, на кој ќе се обратат претседателот на ПЕС Стефан Левен, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, како и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Предвидено е куси обраќања да имаат и носителите како и коносителите на изборните листи на СДСМ и Коалицијата.

Главен митинг на плоштад „Македонија“ во Скопје, денеска ќе одржи и коалицијата предводена од ДУИ „Европски фронт“.

Поради двата митинзи, МВР уште од синоќа спроведува посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје со затворање на делници од булеварите кон зградата на ЕУ, додека вечерва ќе има времено затворање на улици и булевари кои водат кон плоштадот Македонија.

Албанската опозициска коалиција „Вреди“ ќе одржи митинг на плоштадот во Гостивар.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе одржи прес-конференција пред Националната и универзитетска библиотека
,, Св. Климент Охридски“ во Скопје, на која ќе се обрати носителот на листа во Изборната единица 1, Бобан Карапејовски.

Својата програма пред граѓаните денеска ќе ја презентира и Работничката партија, која во Струга ќе оствари средба со граѓаните пред Соборниот храм „Св. Ѓорѓи“.

Првиот круг од претседателските избори кои ќе се одржи во среда, на 24 април а парламентарните избори на 8 мај, кога веројатно ќе се одржи и втор крут од претседателските избори.

На почеток