Ковачевски: Изборот е меѓу надеж и безнадежност, помеѓу европска иднина и изолација
На овие избори не одлучуваме само која партија ќе ја води државата во наредните четири години туку и избираме помеѓу надеж за подобро утре и нема откажување од Европската Унија од една страна и безнадежност, изолацијаи рампа на патот кон Брисел од друга страна, порача претседателот на СДСМ на денешниот митинг во Скопје, на Коалицијата за европска иднина.
„Правото на глас е највредниот симбол на демократијата. Затоа, многу е важно кому ќе му го дадете вашиот глас и правото да ја води државата во наредните четири години. Јас сум свесен дека таа одлука не е лесна. Но, запомнете, на 8-ми мај изборот нема да биде само помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. На 8-ми мај, а и во првиот круг од претседателските избори сега во среда, одлучуваме помеѓу надеж за подобра и просперитетна иднина во ЕУ и безнадежност, очај и враќање во мрачните времиња кога со Македонија царуваше менторот на Мицкоски – Никола Груевски“, рече Ковачевски.
За време на својот говор, Ковачевски на бината ги повика и останатите 11 носители и ко-носители на кандидатските листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„Тоа се луѓе кои се спремни да ги вложат сето свое знаење, ветшини, искуство и капацитет во нашиот план за европска Македонија. Сите ние заедно нема да се откажеме додека не го исполниме ветувањето за подобра европска иднина за сите граѓани“, порача Ковачевски.