Македонија

(Видео) Спасовски во одбрана на Каевски, Мојсовски, Димевски: Во тој процес нема ништо!

Ексминистерот за внатрешни работи и носител во ИЕ 2 на СДСМ, Оливер Спасовски во подкастот „Претрес со Ландов“, застана во одбрана на првиот човек на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, предводникот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски и неговиот претходник, Дарко Каевски кои добија обвинителен предлог за сторени злоупотреби со спортските ваучери.

„Јас сметам дека во тој процес апсолутно нема ништо, апсолутно нема ништо. Меѓутоа тоа ќе си го докажат органите. Сметам дека се невини, знам одредени информации. ДКСК во тоа време оценила дека има одредени неправилности, но ако ги погледнете аргументациите во тој период посебно за вршење на надзор, таму се покренува обвинителен предлог бидејќи не бил извршен надзор, а човекот во тој период не бил на позиција“, рече Спасовски.

Прашан дали го знае обвинителниот предлог по кој се гонат тројцата функционери на СДСМ, тој рече: „Видов дел нешто“, но не кажа кој му се пожалил: „Тоа не е воопшто важно, дали ми се пожалил или не, важно јас ги видов тие аргументации, не можам ништо јас тврдам“.

Мојсоски и Каевски се обвинети за злоупотреба на службена положба, а Димевски и останатите обвинети за несовесно работење.

„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и Несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, соопштија од ОЈО.

На почеток