Свет

Израел ја гранатираше зградата на службата за безбедност во близина на Дамаск: 8 сириски војници се ранети

Сириското Министерство за одбрана соопшти дека осум сириски војници се повредени во израелскиот напад врз зградата на безбедносните служби во предградието на Дамаск.

Во соопштението се наведува дека израелските сили извршиле напад од „окупираната Голанска висорамнина врз цел во близина на главниот град Дамаск и дека е причинета материјална штета“, пренесе државната агенција САНА.

Претходно, неименуван извор од безбедносните кругови потврди за Ројтерс дека израелскиот напад погодил зграда во која дејствуваат сириските безбедносни сили. На прашањето да ги коментира овие тврдења, израелската армија одговори дека не ги коментира извештаите на странските медиуми, пренесува Ројтерс.

Агенцијата наведува дека Израел со години напаѓа цели во Сирија поврзани со Иран и дека од 7 октомври и избувнувањето на војната во Појасот Газа, ја интензивирал воздушната кампања во таа земја разурната од војна. Војната во Појасот Газа дополнително ескалира и израелските напади врз позициите на либанската, проиранска милитантна група Хезболах преку јужната граница на Либан.

Неименуван безбедносен извор изјави за Ројтерс дека местото што беше погодено вчера во Сирија е јужно од светилиштето Сејед Зеинаб, каде што Хезболах и иранските сили воспоставија позиции.

На почеток