Македонија

Ковачевски: Историјата покажала дека само со СДСМ земјата се движи напред и има просперитет

На вечерашниот митинг одржан во Македонски Брод, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски обраќајки се на присутните им порача дека Македонија многу пати досега се наоѓала на крстопат од кои зависела иднината, но заедничко за тоа е дека никогаш не сме се откажале.

Денес, повторно сме на еден таков крстопат. Треба да одлучиме дали ќе градиме европска иднина, европски стандард и европски вредности за нас и нашите деца или ќе се вратиме во минатото кога државата беше ограбена и изолирана. Втора шанса за ваква одлука нема да има. Затоа, ве повикувам на 8 мај, да изберете напредна и просперитетна Македонија во ЕУ, да гласате за СДСМ и Коалицијата за европска иднина и за нашиот Претседател, Стево Пендаровски“, рече Ковачевски.

На 121-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер, Гоце Делчев, во говорот Ковачевски ги потсети граѓаните дека исто како што револуционерите не се откажале од идејата за слободна Македонија, така и тие нема да се откажат од тоа да ја внесат земјата во Европската Унија.

„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, посочи претседателот Ковачевски.

СДСМ е силна партија, партија на граѓаните, вели Ковачевски и додава дека таа е изградена врз принципите на еднаквост, солидарност и инклузивност. Партија која е рамо до рамо со граѓаните и не бега од одговорност и носење тешки одлуки.

„Изминатите седум години ја водевме државата во време на здравствена, економска и енергетска криза. Не потклекнавме пред предизвиците кои се закануваа целосно да го загрозат квалитетот на живот на граѓаните. Покажавме посветеност и одговорност, ги зголемивме платите и пензиите, ги заштитивме работните места, обезбедивме 2,6 милијарди евра за антикризни мерки за најранливите категории на граѓани и за компаниите. Во ниту еден момент не се откажавме од нашата примарна цел – Македонија да стане дел од евроатлантските структури. Затоа, денес сме горда членка на најмоќната светска алијанса – НАТО“, заклучува Ковачевски, додавајќи дека иако започнати, историските преговори за членство во Европската Унија се блокирани од неодговорното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер, Христијан Мицковски.

На почеток