Македонија

Каде е Миле Зечевиќ?

Миле Зечевиќ, кој во СДСМ дојде во пакет со Димитар Ковачевски како генерален секретар на партијата, а имаше одговорна задача да ги консолидира редовите по катастрофалниот пораз на локалните избори.

Пројави желба и за испразнетото лидерско место на Заев, но се задоволи организациски да ја раководи партијата. Тој требаше да го консолидира и обедини членството во пресрет на претседателските и парламентарните избори.

„Кога се качуваме накај планината забораваме на оние кои што тргнале со нас по патот додека стигнеме до врвот. И тоа е едно лошо правило. Најважно е внатрешната организација да ја направиш врз принципи каде што ќе го почитуваш секој поединец и нема да заборавиш кој ти помогнал и на каков начин. Имавме плејада на луѓе кои застанаа зад политиките на СДСМ во 2013 година и претходно се до 2017 година. Кога се презема власта во една тешка и специфична ситуација, се два проблеми. Во оперативните капацитети мора да покажете апсолутно нешто што им е потребно на граѓаните. Граѓаните може не ги разбираат клучните придобивки од НАТО и ЕУ. Но ние се компарираме, сакаме квалитетен живот, добри улици, квалитетна храна, да живееме во еден простор кој личи и приличи на европско живеење“, рече Зечевиќ пред три години.

Токму овие принципи партијата и ги заборави и народот на овие избори тешко и ги казни, а токму Зечевиќ беше шеф на Централниот изборен штаб.

Во вториот круг за избор на претседател и на парламентарните избори, членови на СДСМ и коалициските партии критикуваа дека кампања како и да нема, ништо не е организирано и ова беше дел ставено и на контото на Зечевиќ.

Видливо беше неговото отсуство на изборниот ден – камерите на медиумите го уловија само во столчињата за публика. Како еден од најодговорните не поднесе оставка.

Спроед информации од СДСМ, тој е во Америка кај син му. Чудна информација. Во време кога СДСМ пука по сите шавови и го преживеа најтешкиот пораз до сега и ќе биде трета партија, генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб, Миле Зечевиќ да не е со партиското членство.

Пораката е лоша, демотивирачка, или зад потегот се крие нешто друго? А оставка и отчет кога?

На почеток