Свет

360.000 жители на Појасот Газа го напуштија градот Рафах

Израелските министри со барање, Палестинците да се иселат од Газа. САД: Тоа е палестинска земја

Околу 360.000 жители на Појасот Газа го напуштија градот Рафа на југот на палестинската енклава откако Израел минатата недела нареди евакуација на дел од градот.

Овие податоци денеска ги презентираше Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа на Палестинците во Газа (UNRWA).

Во исто време, Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, изјави дека здравствениот систем е во опасност од колапс „во рок од неколку часа“, откако борбите ја блокираа испораката на гориво преку клучните премини, пишува „Тајмс оф Израел“.

„Ние сме на само неколку часа од колапсот на здравствениот систем во Појасот Газа поради недостигот на потребното гориво за работа со генератори во болниците, амбулантите и за транспорт на персоналот“, се вели во соопштението на Министерството.

Израелскиот воен кабинет во четвртокот вечерта гласаше за одобрување „ограничено проширување“ на воената операција во Рафах.

Израелските одбранбени сили минатиот понеделник започнаа со евакуација на Палестинците од источната периферија на Рафах, пред израелските сили да влезат во областа.

Агенцијата за помош на Обединетите нации за Палестинците во Газа соопшти дека околу 300.000 луѓе биле погодени од наредбите за евакуација во Рафа и Џабалија, но дека бројките веројатно би можеле да бидат поголеми бидејќи станува збор за густо населени области.

Околу милион Палестинци, кои избегаа од конфликтот во другите делови на енклавата, најдоа засолниште во Рафах.

На почеток