Македонија

Хајредини: Познато е дека во Македонија не се казнети тие што од Телеком примиле по 2,5 милиони евра

Ексминистерот за финансии и политички аналитичар, Џевдет Хајредини, на социјалната мрежа „Фејсбук“, смета дека неказнети останале лицата од „Телеком“, откако врховниот судија Наке Георгиев беше уапсен за земени 10.000 евра поради примање на награда поради противзаконтио влијание.

„Не ми е познато колку е казната за мито од 10.000 евра, меѓутоа, познато е дека во Македонија не се казнети тие што од ТЕЛЕКОМ примиле по 2,5 милиони евра“, вели Хајредини.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој последниве години во јавноста настапува како политички аналитичар, јавно го прашуваше експремиерот Димитар Ковачевски – кога Владата ќе го избрка „Телеком“ од земјава, по скандалот со поткупувањето политичари во земјава и во други држави од регионот, за кој компанијата-мајка, „Дојче Телеком“ беше тужена и спогодбено плати казна во САД.

„По десетти пат, истото прашање до Ковачевски: Дали и кога Владата мисли од Македонија да го избрка ТЕЛЕКОМ, затоа што е познато дека нивни менаџери подмитувале некогашни и сегашни високи политичари и државни функционери на нашата земја?

Ковачевски не одговара на ова прашање, иако прво за заменик министер, а потоа и премиер на Владата (дали случајно?), дојде токму од оваа коруптивна компанија, во која бил на раководни функции.

П.с.

Сигурно и самиот не мисли дека на прашањето одговорил кога вели: “Благодариме што нè контактиравте. Ја примивме вашата порака и го цениме што се јавивте”.

Не случајно, и Зоран Заев, при една средба во својот кабинет, на актуелните директори на МАЃАР ТЕЛЕКОМ им вети “искрена соработка” на Владата и во иднина, исто како во минатото.

Заев пред да замине изјави дека во Македонија нема корупција во првиот и вториот ешалон, туку само во пониските ешалони.

Уште нешто: Компанија која ги корумпира државните функционери, како што е случајот со ТЕЛЕКОМ, од каде Вие сте дојдени, не може да биде “препознатлив бренд”, како, од само на Вас познати причини, така ја нарекувате“, пишуваше Хајредини.

На почеток