Свет

ОН гласаат за резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Попладнево во Њујорк, генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција со која се бара прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Србија силно се спротивставува на ова и започна голема дипломатска офанзива против резолуцијата.

Десетина земји се очекува да гласаат против резолуцијата, додека неколку десетици членки на ОН се воздржани од гласање поради српската дипломатска офанзива, особено меѓу неврзаните земји, според дипломатски извори, пренесува словенечката новинска агенција СТА.

Предлогот за резолуција за едно од најголемите злосторства во Европа по Втората светска војна, меѓу другото, го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства.

Србија и Република Српска, во која доминираат босанските Срби, постојано негираа дека се случил геноцид во Сребреница.

Резолуцијата ја предложија земји кои имаат тешко историско искуство со неа – Германија и Руанда. Текстот беше спонзориран од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.

Текстот никаде не ја осудува Србија или Србите.

Во 1995 година, војниците на босанските Срби убија најмалку 8.000 Бошњаци во Сребреница, која тогаш беше под заштита на ОН.

Ова злосторство беше дефинирано од страна на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија како геноцид.

За ова досега во тој суд и судовите во БиХ се осудени над 50 лица.

Масакрот во Сребреница беше прогласен за геноцид и од Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП).

Во средата Собранието на Република Српска усвои соопштение во кое протестира против резолуцијата, а претседателот на тој ентитет Милорад Додик на мрежата Х напиша дека усвојувањето на резолуцијата ќе предизвика непоправлива штета, што ќе значи крај на Босна и Херцеговина.

Тој се заканува дека Република Српска, каде што се наоѓа Сребреница, ќе се одвои од Босна доколку резолуцијата биде усвоена.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, со благослов на патријархот на СПЦ, Порфирија, пред гласањето отиде во Њујорк, каде што продолжува да лобира против резолуцијата, објави порталот Радио Слободна Европа.

„Ќе одам во Њујорк затоа што некој треба да им даде одговор на оние кои сакаат да ја обвинат Србија дека е геноцидна нација“, рече Вучиќ минатата недела.

На почеток