Скопје

Парада на гордоста во Скопје: на 22 јуни ќе се маршира со слоганот „спектакуларно непослушни“

Под слоганот „Спектакуларно непослушни“, во паркот „Жена борец“ во Скопје на 22 јуни оваа година ќе се одржи петтата парада на гордоста.

Најавено е дека рутата ќе биде иста како и изминатите години и се очекува да биде обезбедено високо ниво на безбедност. Инаку под ставката „Фестивал на квир култура – викенд на гордоста“ оваа година за нив министерството за култура одобри 287 илјади денари.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска посочи дека досегашните четири изданија поминале во најдобар ред, биле регистрирани само 2 инцидента по завршувањето на парадите од кои за еден имало отворено постапка за говор на омраза.

Според организаторите парадата била битна поради тоа што маргинизираните групи биле видливи само тој ден.

Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка Кочо Андоновски на прес-конференцијата посочи оти очекува годинешната Парада да биде една од најдобрите и најпосетените настани, како и во претходните години, во Скопје.

-Оваа година слоганот на главната порака на Парадата е „Спектакуларно непослушни“. „Непослушни“ – затоа што ние сме непослушни и сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријархот кој владее веќе доста векови, а „спектакуларно“ – како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како петти Прајд, додаде Андоновски.

На почеток