Втора жртва на поплавите во Германија: Шолц ги посети критичните области
Телото на 43-годишна жена денеска го пронајдоа спасувачите во подрум на куќа во градот Шробенхаузен во Горна Баварија, кој беше погоден од поплави.
Потрагата по жената трае од неделата, а таа е втората жртва на поплавите откако во неделата во градот Пфафенхофен ан дер Илм загина пожарникар, пренесува Тагешау. Германскиот канцелар Олаф Шолц ги посети поплавените подрачја во Горна Баварија заедно со министерката за надворешни работи Ненси Фесер и баварскиот премиер Маркус Седер.
Дојче бан претходно денеска објави дека железничкиот сообраќај меѓу Берлин и Минхен, како и меѓу Штутгарт и Франкфурт е прекинат. Компанијата ги повика граѓаните да ги одложат сите несуштински патувања.
Во југозападниот кварт Шварцвалд-Бар се активирани неколку одрони, а во градот Милхаузен неколку луѓе се спасени од водата чија висина достигнала 1,8 метри. Во околината на Штутгарт, во окрузите Ремс-Мур и Лудвигсбург, поради поплави затворени се градинките и училиштата.
Пожарникар загина во ноќта меѓу саботата и неделата за време на спасувачка операција од поплавите во градот Пфафенхофен ан дер Илм во Горна Баварија, кога се превртел чамецот во кој се наоѓал со тројца колеги.