Од место не мрда предметот против Пендиков за омаловажување на Македонија
Една година не мрдна од место предистрагата на охридското Обвинителство против Христијан Пендиков, ексгенералниот секретар на згаснатиот бугарскиот културен клуб во Охрид „Цар Борис Трети“. Тој беше пријавен од политичката партија Левица за сторени три кривични дела, кои обвинителот ги испитува цела година, а тоа не вродува со резултат. Гонењето дојде по изјавите кои Пендиков ги даваше по медиумите во кои велеше дека Бугарите во Македонија се малтретирани поради етничката припадност, дека не смееш да се произнесеш за Бугар во Македонија оти ќе си цел на насилство, но и дека Македонците и Бугарите се исти народ.
„Предметот е во фаза на претходна постапка. Јавен обвинител издаде наредби за обезбедување докази за проверка на наводите по кои се постапува“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.
Од Левица пријавија дека Пендиков се товари оти извршил повеќе кривични дела, односно – повреда на угледот на Републиката (казниво по член 178 од кривичниот законик), излагање подбив на македонскиот народ (казниво по член 179 од Kривичниот законик) и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа (казниво по член 319 став 1 од законот).
Практиката на несанкционирање на обезвреднување на основните обележја на Македонија, велат од Левица, може да предизвика сериозни штетни последици по националните интереси и безбедност во иднина.
Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, имаше интервју за бугарската телевизија БТВ во кое говореше за инцидентот во кој беше претепан пред кафе-бар во Охрид кон средината на јануари. Раскажуваше оти и самиот не ги поднесувал Бугарите кога бил помлад, но дека пред неколку години се разбудил и станал македонски Бугарин.