Свет

Растат тензиите на Корејскиот Полуостров: Предупредувачки истрели испукани од југ кон севернокорејските војници

Северна Кореја ја истрела својата најнапредна ракета со долг дострел, спротивно на резолуцијата на Обединетите нации

Јужнокорејската армија истрелала серија предупредувачки истрели кон околу 20 севернокорејски војници кои најверојатно по грешка ја нарушиле меѓукорејската граница, соопшти денеска Генералштабот во Сеул (ГШ).

Според извештаите, околу 12:30 часот по локално време во неделата, околу 20 севернокорејски војници накратко ја преминале демаркационата линија во демилитаризираната зона во централниот дел на границата, а потоа се вратиле на севернокорејската страна по предупредувањето од јужнокорејската војска, пренесува Jonhap.

Војската на Јужна Кореја смета дека севернокорејските војници извршувале мисија во демилитаризираната зона и „ненамерно“ ја преминале границата.

Портпаролот на јужнокорејската војска Ли Сунг-јунг изјави дека севернокорејските војници веднаш се вратиле на своја страна по предупредувачките истрели и дека Сеул верува дека немале намера да нападнат јужнокорејска територија.

Инцидентот се случи само неколку часа пред Јужна Кореја да продолжи со емитување пропаганда преку звучници на границата против властите во Пјонгјанг за прв пат по шест години, како одговор на севернокорејската кампања за пуштање балони за ѓубре преку границата.

Се проценува дека Пјонгјанг испратил повеќе од 1.600 вакви балони од 28 мај како одговор на летоците против Северна Кореја испратени од јужнокорејски активисти.

Демилитаризираната зона меѓу двете Кореи е една од најсилно обезбедуваните области во светот, со бодликава жица и значително воено присуство на двете страни, според Јонхап.

На почеток