Свет

Синот на Џо Бајден е осуден за нелегално купување оружје

Синот на американскиот претседател Џо Бајден, Хантер е прогласен за виновен по три обвиненија за нелегално купување и поседување на оружје, додека бил зависник од дрога, пренесува Си-ен-ен.

Ова е првпат член на потесното семејство на Бајден да биде прогласен за виновен за кривично дело за време на неговиот претседателски мандат, иако овие дела неговиот син Хантер ги извршил пред тој воопшто да стане претседател на САД.

Хантер е прогласен за виновен по сите три обвиненија, како што пренесува Би-би-си, откако поротата расправала околу три часа.

Првата точка од обвинението е за давање лажна изјава за набавка на огнено оружје, втората е за давање лажна изјава за прибавување на записник и третата е за недозволено поседување огнено оружје.

За време на судењето, делатно е опишана неговата злоупотреба на дрога преку СМС пораки и преку неговите мемоари, но и преку сведочење на неговите поранешни партнерки.

На Хантер може да му биде изречена максимална казна од 25 години затвор, откако е прогласен за виновен по три точки од обвинението. Но, може и да се соочи и со казна и до 750 000 долари. Сепак, како што пишуваат американските медиуми, веројатно е дека ќе добие помала казна од максималната, бидејќи ова му е прв прекршок.

Судијата соопштил дека изрекувањето на казната е закажано за 120 дена по изрекувањето на пресудата.

На почеток