Бајден и Зеленски потпишаа десетгодишен безбедносен договор
Американскиот претседател Џозеф Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа десетгодишен безбедносен договор меѓу САД и Украина.
По потпишувањето, во италијанското одморалиште Борго Игнација, каде што се одржува Самитот на Г7, Бајден рече дека војната во Украина е тест за целиот свет и дали ќе застане на страна на Украина и на „суверенитет и слобода, против тиранијата. “, според Си-Ен-Ен.
„САД, Г7 и земјите ширум светот постојано позитивно реагираат на тоа прашање. Повторно ќе кажеме – ќе застанеме покрај Украина“, рече Бајден.
Тој додаде дека во моментов сите системи за противвоздушна одбрана што ги имаат САД одат во Украина и дека другите земји кои ја очекуваат истата помош ќе мора да почекаат додека не се задоволат потребите на Украина. Зеленски рече дека ова е „историски ден“ и дека потпишаниот договор е во корист на сите бидејќи Русија е „вистинска глобална закана“.
„Ова е договор за безбедност, а со тоа и за заштита на човечкиот живот. Ова е договор за соработка и затоа за тоа како нашите земји ќе станат посилни. Ова е договор за чекори кои ќе гарантираат одржлив мир и затоа сите во светот имаат корист од него“, рече Зеленски.