Македонија

Страотни сведоштва за жената која ги уби сопругот и свекорот: Од здрава и убава жена, претворена во парче месо од 40кг, борбата сега е за децата!

Фросина Горгиоска, повикувајќи се на информации од семејството на жената која до смрт ги избоден сопругот и свекорот, посочува дека тоа го направила во самоодбрана оти била постојано тепана, а во моментот на крвавиот чин, и нападната. Жената сега се наоѓа во притвор во Куманово, а адвокатот Јанаки Митровски се понуди и да ја застапува во правната постапка.

„Официјално дознаваме дека Вале која е во притвор во Куманово заради двојното убиство на насилниците (сопругот и свекорот) кои 13 години секојдневно ја тепале, има родители и брат кои не се баш во некоја завидна финансиска ситуација и моментално се во преголем шок. Адвокат и е доделен по службена должност, бидејќи сопствен не можат да платат. Но борбата е и за децата. Тие се кај сестрата на сопругот тепач и психопат. Но, исто така и неговата сестра, каде што се децата учествувала во малтретирањето на Вале. Борбата е сега и за децата. Да се вратат на семејството на Вале, додека трае постапката за неа. Да не останат во фамилија на болни луѓе. Да може колку толку да имаат нормален живот, внимание и љубов од луѓе кои вистински ги сакаат“, пишува Горгиоска.

Таа и претходно објави долго сведоштво.

„Жената која ги убила сопругот и свекорот е од Скопје, мажена во Кратово 13 години, за алкохоличар со традиција. Тоа значи дека и неговиот татко, свекорот, бил алкохоличар, додека свекрвата исто така била на нивна страна, па понекогаш и таа удирала по неа со бастунот, ако дадела отпор на ќотекот. Жената, според изворот, е грижлива мајка, со превоспитани, уредни и средени деца кои се капацитет. Жената, која според изворот била тепана секој божји ден и која во сред лето одела со дуксер за да не и се гледаат модриците и така со години, од убава и здрава жена е претворена во парче месо од 40 кг. Бидејќи институциите не реагирале соодветно, секој пат кога сакала да замине, насилникот не и ги давал децата, а мајка, грижлива и полна со љубов, за децата да се со неа, избрала ќотек секој ден“, додава Горгиоска.

Се огласи и адвокатот Митровски.

„Жената во Кратово не уби, се бранеше. Ако некој го знае семејството нека ме контактираат“, напиша Митровски.

Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага против 36 – годишна жителка на Кратово за двојното убиство, за кое вчера полицијата соопшти дека жена си го убила сопругот, а потоа и свекорот.

Во деталите за инцидентот кој денеска ги соопшти Обвинителството, се вели дека на убиствата им претходело насилство.

Според Обвинителството, по претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници по главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави.

Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко.

„Од повредите тие починале на лице место. По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка и определи 30-дневен притвор на осомничената“,соопшти Обвинителството.

На почеток