Свет

Избран нов генерален секретар на НАТО

Клаус Јоханис, романскиот претседател, се повлече од трката да стане нов генерален секретар на НАТО, отворајќи му го патот на холандскиот премиер Марк Руте, кој долго време се сметаше за фаворит за таа функција, и формално да ја добие функцијата.

Веб-страницата „Политико“ објави дека Руте ќе биде следниот генерален секретар на НАТО.

Да потсетиме, вчера генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за првпат го поддржа холандскиот премиер Руте како кандидат за нов генерален секретар на НАТО, опишувајќи го како „многу силен кандидат“.

Столтенберг разговараше на прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен веднаш по веста дека Словачка и Унгарија ја поддржале кандидатурата на Руте, објавено е на веб-страницата на НАТО.

НАТО го избира шефот на Северноатлантската алијанса врз основа на консензус, а 29 земји-членки веќе го поддржаа Руте како наследник на Столтенберг, додека Унгарија, Словачка и Романија беа последни кои се спротивставија на оваа опција.

„Не зависи од мене да го изберам мојот наследник“, рече Столтенберг, но додаде дека Руте е „многу силен кандидат“ кој има големо искуство како премиер.

На почеток